|
|
| ПОЛИТИКА |
Бугарски внатрешнополитички (не)прилики
Предолгиот “источњачки” јазик на Божидар Димитров
И покрај сите тешкотии на бугарската политичка сцена, растргната меѓу западните перспективи верификувани со евроатлантските асоцирања на Бугарија и источниот притисок дебело етаблиран во самото општество, тамошниот премиер Бојко Борисов продолжува смело да нивелира меѓу тие две прилично конфронтирани крајности на бугарската држава. Неговото децидно и јавно опоменување на министерот за дијаспора Божидар Димитров да си го потскрати јазикот, односно дека најновиот егзибиционистички испад на Димитров околу турската оштета како услов за бугарска поддршка на Турција во нејзиното зачленување во ЕУ – е последниот таков “гаф“ после кој за Димитров ќе нема никаква толеранција, јасно го потврдува она што Трибјун уште есенеска, непосредно по формирањето на бугарската влада на чело со Борисов, го тврдеше: имено, дека поставувањето на Божидар Димитров во министерска фотелја е дел од посложениот политичкиот компромис што Борисов мораше да го направи токму заради мир меѓу “западњаците“ и “источњаците“ во Бугарија.
Во меѓувреме Борисов го остави својот “висперен“ министер слободно јавно да дебатира, еквилибрира, и најповеќе од се егзибиционира, чекајќи го на првата посериозна грешка, но и педантно бележејќи ги сите направени во изминатиот период. И минатата недела петте минути дојдоа... Во своето интервју за бугарската национална телевизија премиерот Борисов по однос на ова прашање изјави: “Господинот Божидар Димитров го предупредив дека при следен ваков случај едноставно ќе се разделиме. Кога излегуваш и изнесуваш слични работи, без притоа ниту со премиерот, ниту со кабинетот, ниту во парламентот такво нешто воопшто не е разговарано – тогаш не го правиш тоа како квалитетен историчар или како шеф на музеј, туку директно ангажирајќи го премиерот создаваш проблем“. А дека одлучноста на Борисов е неспорна доказ беше експресно разрешување на Веселин Нинов портпарол на бугарската влада кој на своја рака (!?) а во име на владата на Бугарија ги прогласи тезите на Димитров за владини ставови.
Иако Димитров во изминатиов период повеќе беше свртен кон Македонија, очигледно овојпат се пресметал во своите реални можности. Се разбира, треба да се има предвид и фактот дека министерот за дијаспора не преставува некој посебен политички формат во соседна Бугарија (освен што е мошне близок со актуелниот претседател Прванов), туку станува збор за еден од многуте претставници на происточната политичко-општествена струја во рамките на бугарското општество. Во крајна линија таму не е никаков фактор ни овде во Македонија многу “познатиот“ и “употребуваниот“ Красимир Каракачанов којшто како и Димитров веќе е на прагот од јавно демисионирање. Доаѓањето на Борисов на власт неминовно продуцираше сериозна внатрешна конфронтација на линијата “запад-исток“, не само поради бекраундот на премирот, или заради неговите политички приоритети тесно врзани со бугарската реалност (членство во ЕУ и НАТО), туку и поради објективните потреби на бугарското општество многу по јасно да се дефинираат насоките, тенденциите, целите на државата во наредните години растоварени од бремето на таквото двојство. По случајот со Димитров, како и по убиството на новинарот Боби Цанков во Софија (за кого сега јавноста во Бугарија веќе дознава дека честопати ја минувал линијата меѓу легалното и нелегалното, за што сведочат неговите дебели банковни конта во странски банки), аналитичарите во Брисел веќе отворено ја поставуваат дилемата за тоа дали премиерот Борисов ќе може да одолее на за европејците јасното руско “наследство“ во Бугарија длабоко инпрегнирано во сите пори на системот. И дека клучното прашање за политичката успешност на новата влада ќе биде токму начинот на разрешувањето на таа конфронтација.
Барем засега, се чини, дека Борисов успева да излезе на крај со притисоците, држејќи ги работите под контрола, без наметнување на некаква исклучивост, без брзоплетост, со демонстрирање на компромисност којашто, сепак, не би одела на штета на политичките приоритети на неговата влада. Божидар Димитров е само мало пионче...
|
|
|
|
|
|
|
|
|