|
|
| ЕКОНОМИЈА |
Европа упорно против енергетскиот монопол
Владата најавува отстапки пред жестоките критики на ЕЕЗ
Македонската влада, конечно, предложи Акциски план за справување со забелешките од Европската енергетска заедница, коишто, меѓу другото, се однесуваат на неопходни промени во Законот за енергетика, либерализација на енергетскиот пазар, а има забелешки и на Правилникот за определување на цената на струјата.
Измените, според најавите, пред пратениците ќе се најдат кон средината на наредната година. Министерот за економија Фатмир Бесими вели дека до средината на следната година, кога е ставен рок за измена на законот, ќе се бара модел кој што ќе обезбеди слободен пазар за струја и гас, закон кој што ќе обезбеди еднакви права на учесниците на пазарот, како и поголема независност на регулаторната комисија. Инаку, новиот Закон за енергетика во Македонија беше донесен септември минатата година. ЕЕЗ препознала големи слабости кај новиот се уште актуелен закон за енергетика во однос на либерализација на пазарот, односно со него и се даваат поголеми права на државната компанија Електрани на Македонија.
Критика од Европа има и кон независноста на регулаторната комисија и методологијата за пресметката на загубите при транспорт на струјата, па се покриваат само 11% од вкупната загуба. Тука се собираат техничката загуба која што е неминовна, но и комерцијалната, односно струјата која се уште се краде во Македонија. Вкупните загуби на годишно ниво изнесуваат околу 50 милиони евра. Тоа значеше не дуплирање, туку триплирање на трошоците на ЕВН и триплирање на приходите на ЕЛЕМ. ЕВН таа струја ја плаќа на ЕЛЕМ, па ЕЕЗ порача дека ако се сака поскапа струја, направете таа да биде поскапа за сите.
|
|
|
|
|
|
|
|
|