|
|
| ЕКОНОМИЈА |
Владата и во година претпазлива со буџетот
План за спуштање на дефицитот на 2 отсто
Тивко редефинирање на економската политика подготвува владата на Никола Груевски. Тоа можеше да се заклучи од минатонеделната најава на министерот за финансии Зоран Ставрески, дека Владата постепено ќе го спушти дефицитот во буџетот и ќе го намали своето учество во економскиот раст. Тоа треба да го олабави притисокот врз денарот, да го намали јазот во платниот биланс, да ги стабилизира девизните резерви. Владата реши да го намали јазот во државната каса од годинашниве 2,8 отсто од домашниот бруто-производ на 2,5 отсто в година, за кога предвидува дека економијата ќе порасне за 2 отсто. Тоа значи дека државата за толку ќе ги приспособи своите трошења на тоа што може да го прибере во државната каса. Шефот на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, Весли Мекгру, смета дека тоа е добар план.
На среден рок Владата планира дефицитот да го спушти на 2 отсто, најави министерот Ставрески. И ако тоа го реализира, Владата сепак ќе има повисоки буџетски расходи од тие што ги наследи кога дојде на власт. Во изминатите три години од владеењето на Груевски буџетските расходи се поголеми за 1,2 милијарда евра. Трошејќи повеќе отколку што прибира во буџетот, Владата всушност во домашната економија пушта повеќе пари отколку што стопанството и граѓаните може да произведат и потрошат. Затоа расте увозот, а вредноста на денарот во однос на еврото реално паѓа.
Кога дојде на власт Груевски, вкупната парична маса - парите во стопанството - беше околу 1 милијарда евра. Во време кога Владата преку државните записи најмногу се задолжуваше дома и кога Народната банка на Македонија најмногу трошеше од девизните резерви за да го одбрани денарот, паричната маса се искачи на 1,6 милијарда евра. Тоа е зголемување од 54 отсто. Затоа сега експертите велат дека кога Владата би го реализирала новиот план, трошењето од девизните резерви ќе се намали бидејќи помалку пари ќе се трошат за одбрана на денарот и за крпење на јазот во трговската размена, а ќе останат повеќе пари за инвестирање во домашната економија.
|
|
|
|
|
|
|
|
|